ДЕН НА ЕКОЛОГИЈА ”ДА”, АМА СЕКОЈ ДЕН

Денес сме сведоци на голем број еко акции и еко пароли низ нашата општина Маврово и Ростуше, но и целата држава воедно. Факт е дека луѓето сакаат да се грижат за животната средина и тоа искрено многу ме радува. За жал оваа еуфорија трае само еден ден и потоа ние повторно си се враќаме на нашите стари навики, кои се повеќе од штетни за животната средина и директно ЗА НАС.

Да почнеме од почеток, како и секое одбележување така и ова претежно го одбележуваат институциите и волонтери, кои сакаат да придонесат во расчистувањето на околината, а истите воглавно ги сочинуваат ученици. Уште како деца знаевме дека првиот ден на пролетта е ден за расчистување на училишниот двор и блиската околина и тоа беше одлично, бидејќи уште како деца не поттикнуваше да се грижиме за животнаа средина и доколку има отпадоци да ги собериме и фрлиме во најблиската канта или контењер. Сепак тоа за жал не беше доволно барем според нас, затоа што немаше континуитет во самото еколошко воспитување како дел од наставниот процес и затоа еко свеста на граѓаните е на волку ниско ниво какво што е денес.

Гледаме многу објави со пораки и фотографии од спроведените еко акции по социјалните мрежи, насмеани активисти со полу полни вреќи со смет, кои скоро истиот тие го расфрлале во претходниот период. Зошто тоа го зборуваме?  Дали обрнавте внимание што точно собиравте и стававте во вреќите? Одговорот е јасен и многу краток, само џебен отпад ништо друго. Амбалажи, отпушоци од цигари, најлонски кеси и сл. А како тој отпад стигнал таму? Па преку НАС преку сите НАС, кои денес чистиме и се грижиме за утре веднаш штом ќе купиме чоколадо од маркет, го отвараме и фрламе на земја, а ова е само еден од многуте примери за тоа каква е нашата свест.

Ова не е критика, туку мотивација за сите тие кои навистина сакаат да придонесат за почиста животна средина и кои секој ден се грижат и се трудат што е можно помалку да ја загадуваат животната средина. Навиките можеби тешко се менуваат, но се менуваат па затоа е важно да се почне од некаде и да се подигне свеста на граѓаните. Тоа можеме најлесно да го направиме со тоа да почнеме од самите себе и да се грижиме за животната средина секој ден, како што се грижиме и денес. ,, ДЕН НА ЕКОЛОГИЈА ,,ДА” , АМА СЕКОЈ ДЕН”. Да ги смениме трајно нашите навики и да ја шириме позитивната порака од денешниот ден во текот на целата година, бидејќи ако ние не ја заштитеме нашата земја, тогаш кој ќе ја заштити?

Нека ни е среќен денот на пролетта и екологијата!