Вчера нашиот тим присуствуваше на Тркалезна маса “Маврово -дестинација за спортско качување во подем“. На тркалезната маса се истакна нашата општина како идеална локација за развој авантуристички туризам, но и како одлична локација за развој на еко туризам. Ние како организација, полека но сигурно зачекоруваме кон јасна младинска акција за иновативни решенија кои ќе ја подобрат еколошката слика на нашата општина. Следете не во рамките на нашиот проект поддржан од Civica Mobilitas – Младите за Маврово
Мавровскиот регион може да се претвори во атрактивна дестинација за авантуристите љубители на спортското искачување, заклучија учесниците на тркалезната маса на тема: Маврово – дестинација за спортско качување во подем, што се одржа во Трница. Средбата се организираше со цел размена на искуства и информации во однос на досегашните активности и инвестиции од различните засегнати страни за развој на активниот туризам во земјава, со посебен осврт на спортското качување.
„Целиот национален парк има огромен потенцијал за привлекување авантуристи од целиот свет. Насоките на кои што работат се идеални, тешки и сигурно ќе ги привлечат најдобрите светски качувачи, а тоа ќе придонесе НП Маврово многу брзо да прерасне во светски позната дестинација. Членови на Француската качувачка федерација, заедно со неколку домашни спортски качувачи, во близина на месноста Криви Мост веќе една недела работат на поставување на нови насоки за качување. Француските спортски качувачи ги придружува и главниот уредник на реномираното француско списание Grimper, кој работи на промотивна репортажа.“, информираа од НП Маврово.
ркалезната маса се реализираше со претставници од: Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, и Амбасадата на Република Франција во Република Северна Македонија, во соработка со Македонска Спортско Качувачка Федерација.
„Даваме целосна поддршка на сите активности кои во моментов се спроведуваат. И во иднина ќе бидеме отворени за ваква соработка со сите оние кои имаат цел да го промовираат и афирмираат НП Маврово како светска туристичка дестинација.“, изјави директорот на НП Маврово, Самир Ајдини.