Зеукстритон во периодот од август до октомври ќе ја спроведува акцијата “Заедно за чиста животна средина” која е поддржана од НВО Инфоцентар од Скопје а главната цел на оваа акција е иновативниот пристап за локално следење на состојбите и заштита на животната средина на младинската еко-патрола да се засили и прошири со поддшрка од целата заедница.
Скоро 99% од територијата на општина Маврово и Ростуше се наоѓа во национален парк и поради тоа изобилува со многу планини, реки, водопади и други места за рекреација кои ги привлекуваат туристите од целиот свет. Во општината има 42 населени места, а според податоците од последниот попис спроведен во 2021 година живеат нешто повеќе од 5000 жители, што го докажува фактот дека има пад на населението во споредба со пописот од 2002 година. Пописот покажа дека 60% од младите се исселени.
Општина Маврово и Ростуше има сериозен проблем со диви депонии, а ЗЕУКС Тритон мапираше 42 диви депонии(активни) во 11 населени места во долнореканскиот крај и се изработи видео кое беше објавено на социјалните мрежи и телевизии исто така и препораки за трајно решавање на тој проблем. За жал до ден денес се немаат превземено никакви чекори за решавање на проблемот со дивите депонии, кој е еден од многуте проблеми со кои се соочува општината и тоа: комунално претпријатие со загуби и со неизвршување на сите свои обврски, нефункционални инспекциски служби, непостоечки советник за заштита на животната средина, немање увид во состојбите на терен, нечисти јавни површини, не превземање на конкретни чекори за зголемување на свеста на граѓаните, недоволните услови за фрлање на ѓубрето и уште многу други проблеми.
Долгогодишната идеја да се поттикне активно вклучување на младите во зачувувањето на животната средина, ЗЕУКС Тритон започна да ја реализира со воспоставување на доброволна младинска Еко-патрола. Во декември 2021 година здружението спроведе неколку онлајн работилници за запознавање на младите со терминот еко-патрола, целите, активностите, како и на кој начин таа ќе функционира се со цел да се мотивираат и приклучат кон оваа иницијатива. Иницијално, се приклучија над дваесетина млади луѓе кои во изминатиов период активно ги извршуваа своите задачи. Еко-патролата е дел од Здружението за екологија и унапредување на културата и спортот Зеукстритон, но работи со посебна, сопствена програма која се носи заеднички со сите пријавени членови на почетокот на годината. Оваа еко патрола работи на територијата на Општина Маврово и Ростуше и нуди континуирана работа со почитување на личните обврски на секој член, акција на препознавање, лоцирање, превземање конкретни мерки и акција за чистење, санација и ревитализација на животната средина како и активно учество во општенствените текови поврзани со екологијата преку најразлични активности и нудење на соодветни решенија за да создадеме поединци кои се свесни за иднината и да дејствуваат на општествените промени кон одржлив развој во нивните локални заедници.
Со оваа акција се предвидени неколку активности и тоа:
1.Запознавање на надлежните со постоењето и улогата на Еко-патрола, воспоставување и координација. Крајна цел на оваа активност е одржување информативни средби и потпишување меморандум за соработка, како и назначување лице за контакт во секоја институција (Општина Маврово и Ростуше, Национален парк Маврово, Јавно претпријатие за комунално дејности Маврово, Совет на општината), обезбедување поддршка за мобилизација на нови членови и етаблирање на Еко патролата;
2.Организирање информативни средби со раководството и кадарот на постоечките училишта (ОУ Хајан Селмани – с. Ростуше, ОУ Денче Дејановски – с. Маврово, ОУ Јосип Броз Тито – с. Жировница, ОУ Блаже Конески – с. Скудриње и СОУ Маврово и Ростуше во с. Ростуше) во општината и запознавање со постоењето и улогата на Еко-патрола, отворање можност за мобилизација на нови членови, поттик училиштата да воспостават свои еко патроли, како и координација, соработка со кадарот за вопоспоставување неформална едукација за заштита на животната средина;
3.Намалување на користењето диви депонии и запознавање на граѓаните со распоредот на функционирање на ЈКП:
– Прибирање информации од ЈКП за распоредот за собирање смет во 42 населени места во општината, кадровска и техничка екипираност, начини на комуникација со граѓаните и сл.
– Објавување точни информации за распоредот на собирање смет во 42 населени места во општината;
4.Продукција и објава на информативни содржини за граѓаните (повик за мобилизација, распоред за собирање смет и сл.) на организациските веб и ФБ страни;